Еден од најдобрите фудбалски тренери, Фабио Капело, жестоко распали по неуспехот на италијанската фудбалска репрезентација да се пласира на Светско првенство, и тоа третпат во низа. Според Капело, недозволиво е репрезентација со таква репутација да не може да биде дел од најдобрите на три планетарни собири во низа.
„Цела ноќ не спиев, око не склопив. Уште не можам да верувам тоа што се случи. Зборуваме за четирикратен светски првак, ова е спортска трагедија. Срамота. Ова е една од најлошите работи кои може да се случат за италијанскиот фудбал во поновата фудбалска историја“, жестоко критикуваше Капело.
Според Капело, главен виновник не е селекторот Џенаро Гатузо, туку претседателот на Федерацијата. „Најлошо е што тука никој не презема одговорност, никој не поднесува оставка. Прв кој треба да преземе одговорност е претседателот на Федерацијата, заедно со целиот управен одбор“, вели Капело, кој потенцираше дека е потребна голема реформа во италијанскиот фудбал. „Мора да започнеме реконструкција од темелот. Проблемот не е само во резултатите, тој е структурален.“

