Легендарниот Трстена со поддршка за Павлов: Напред шампионе!

Најдобриот македонски каратист Емил Павлов, се наоѓа пред тешкиот предизвик да обезбеди медал за Македонија на Европските игри кои се одржуваат во Минск, Белорусија. Нашиот претставник е во група со светскиот шампион Италијанецот Ангело Креченцо, актуелниот шампион од претходните Европски игри, Фирдовс Ферзалиев од Азербејџан, како и домашниот претставник, Белорусинот Илија Булатау, каде ќе се обиде да обезбеди едно од двете места кои водат во полуфиналето.

Павлов покрај тоа што има поддршка од цела земја, во пресрет на неговиот настап доби огромна поддршка и од легендарниот борач Шабан Трстена. Трстена преку својот профил на „Фејсбук“ се огласи и му посака успех на нашиот најдобар каратист и да го урне неговиот рекорд по број на медали.

„Напред шампионе! Ти си нашата единствена надеж на Европските игри во Минск – Белорусија да освоиш медал. Веруваме во тебе, зашто ти знаеш кога е најтешко да го дадеш максимумот и нема да ти е прв пат да ја израдуваш нашата земја Македонија. За шампионот ќе нагласам за да знаете – Емил Павлов досега освои вкупно 5 медали, на европските првенства успех што ниту еден друг спортист не го постигнал во независна Македонија. Емил, ти си единствениот спортист во нашата земја кој може да го собори мојот рекорд од 8 медали освени само на Европските првенства во сениорска конкуренција. Напред шампионе,ти можеш утре да го освоиш и 6-от медал по ред на Европските првенства.Честики и многу успех, навиваме за тебе! Срдечно од Ш.Т.“, стои во објавата на Трстена.

Павлов ќе се натпреварува во категоријата до 60 килограми, а борбите се предвидени за утре со почеток од 09:30 часот.

- Оглас -

Најнови вести