Легендата на женскиот фудбал ја напушта Барселона по 14 сезони и 38 освоени трофеи

Двојната освојувачка на Златната топка, Алексија Путељас, ја напушта Барселона по 14 сезони, а клубот официјално ќе се прости денеска на стадионот „Камп ноу“.

Барселона вчера соопшти дека 32-годишната Путељас ќе има проштален настан на „Камп ноу“, со порака дека клубот сака да му оддаде признание на наследството на фудбалерката која била пример и на теренот и надвор од него, како и дека помогнала во развојот на женскиот фудбал во Шпанија и во светот.

Путељас минатиот викенд ѝ помогна на Барселона да ја освои титулата европски шампион, четврта во последните шест сезони. За каталонскиот клуб одигра 507 натпревари, што е втор најдобар ефект во историјата откако во 2012 година како 18-годишна пристигна од Леванте.

Таа постигна 232 гола, што е клупски рекорд, и освои вкупно 38 трофеи, меѓу кои четири титули во Лигата на шампионите и 10 шампионски титули во Шпанија.
Во видеото објавено на социјалните мрежи порача: „Дојде време да признаам дека дадов сè за овие бои. Ова беше совршена приказна“.

Путељас беше една од клучните фудбалерки во првото освојување на Лигата на шампионите за Барселона во 2021 година, а со освојувањето на Златната топка во 2021 и 2022 година дополнително го зацврсти статусот на една од најважните фигури во женскиот фудбал. Нејзиното влијание врз спортот се сметаше за значајно и во подемот на Шпанија до светската титула во 2023 година.

Во Шпанија сега се шпекулира дека кариерата би можела да ја продолжи во лондонскиот клуб Лондон Сити лајонесес, иако нејзината следна дестинација сè уште не е официјално потврдена.

Во претходниот период ја мачеа и тешки повреди на ногата, поради кои со месеци беше надвор од терените, а по враќањето се шпекулираше и за порано заминување поради помалата минутажа. Потоа, сепак, потпиша продолжување на договорот.

- Оглас -

Најнови вести