Легендата на Баерн Минхен и германската репрезентација, Томас Милер, официјално е нов член на тимот од МЛС лигата, Ванкувер вајткапс.
35-годишниот ветеран официјално потпиша договор со канадскиот клуб како слободен играч, а соработката е до крајот на сезоната, со можност за продолжување на уште една година. Ова е првпат во неговата кариера да настапува за друг клуб освен Баерн, каде што ја мина целата своја професионална кариера.
Во новата средина Милер ќе го носи дресот со број „13“.
A legend arrives. The Raumdeuter is here.
— Vancouver Whitecaps FC (@WhitecapsFC) August 6, 2025
Willkommen, Thomas Müller! 🌊 #VWFC | 📰: https://t.co/GHWwPJ6pgo pic.twitter.com/yaGLsxWIFg
Претходно, Ванкувер ги откупи правата за Томас Милер од Синсинати за сума од околу 300.000 долари (со можност да достигне 400.000 долари), со што доби ексклузивно право да преговара со германскиот фудбалер.
Милер треба да пристигне во Канада во среда, а неговата промоција и првиот тренинг се закажани за четврток.
„Со нетрпение го очекувам моето пристигнување во Ванкувер. Сакам да му помогнам на тимот да се бори за титулата. Слушнав многу убави нешта за градот, но мојата главна цел е да победувам. Имав одлични разговори со спортскиот директор Аксел Шустер и тренерот Јеспер Серенсен, и сега сум подготвен да излезам на теренот и да настапам пред навивачите“, изјави Милер.
Томас Милер заминува од Баерн по извонредна 17-годишна кариера, во која стана рекордер по број на настапи за клубот – 756 мечеви. Притоа, постигна 250 голови и оствари 238 асистенции. Со Баерн освои вкупно 33 трофеи.
Во дресот на германската репрезентација има 131 настап, 45 голови и 41 асистенција, а беше клучна фигура при освојувањето на Светското првенство во 2014 година во Бразил. На Мундијалот во 2010 ја освои „Златната копачка“ и наградата за најдобар млад играч, додека во 2014 доби „Сребрена копачка“ и „Сребрена топка“.