Лејкерси додаваат на искуство: Доаѓа најмладиот МВП во историјата на НБА

ЛА лејкерс по освоената 17-та титула во НБА-лигата, веднаш почна да крои планови како ќе го одбрани тронот на кој застана по една деценија пауза. За Езерџиите е добро што Ентони Дејвис ќе го продолжи договорот, а на двоецот заедно со Леброн Џејмс управата сака да додаде уште еден искусен играч со победнички менталитет.

Лејкерси наводно ќе го ангажираат Дерик Роуз, поранешниот прв пик на Чикаго булс кој во 2011 година беше прогласен за МВП во регуларниот дел од сезоната и стана најмлад кошаркар во историјата на НБА кој ја добил престижната награда. Планот на шампионот е да го добие Роуз во трејд за Дени Грин и иден пик од драфтот во 2021 година, а втора опција е размена со Кајл Кузма.

Тешки повреди на колената и глуждовите го спречија 32-годишниот Роуз да го стигне кошаркарскиот врв во НБА, меѓутоа во ланската сезона воскресна во улога на шести играч во Детроит пистонс, каде што бележеше просек од 18 поени и 5,6 асистенции по натпревар.

Игрите во Детроит му овозможија да биде забележан и во залезот на кариерата да носи дрес на екипа со шампионски амбиции, во Лејкерс треба да има последен обид да освои шампионски прстен.

- Оглас -

Најнови вести