Лејкерси во петтиот меч ќе играат со дресовите посветени за Коби, тоа значи ќе слават титула

Лос Анџелес лејкерс се подготвени да слават титула во НБА-лигата. Тоа е повеќе од јасно, посебно ако се знае дека веќе водат со 3:1 во победи против Мајами хит во големото финале од НБА-плејофот. На тимот од ЛА му треба само уште една победа за да стигне до 17-тата титула во клупската историја и да се израмни со Бостон селтикс.

Од Лејкерси открија дека за следниот меч против Мајами се подготвени да играат во популарната гарнитура дресови „Мамба“, кои се направени специјално во чест на Коби Брајант. Претходно од клубот најавија дека овие дресови планираат да ги носат во вториот и евентуално седмиот меч, но сега се премислија. Ќе играат со нив и во петтата средба, која може да биде и последна, шампионска за нив.

Со овој потег Лејкерс сака да му оддаде почит на Брајант, кој во јануари годинава трагично загина во пад на хеликоптер, во кој беа и неговата 13-годишна ќерка Џијана и уште седум луѓе. Ниту еден не ја преживеа несреќата.

Освен во вториот меч од финалето против Мајами, со „Мамба“ дресовите Лејкерс играа уште трипати во доигрувањето и секогаш победуваа. Највпечатлива победа беше таа против Денвер, во која Ентони Дејвис погоди тројка со звукот на сирената. Тогаш сите се потсетија на Коби Брајант, кој многупати знаеше да даде победнички поени со звукот на сирената.

Петиот меч од финалето меѓу ЛА лејкерс и Мајами хит ќе се игра во сабота наутро, во 3 часот по македонско време.

 

 

- Оглас -

Најнови вести