Лејно најдобра голманка на ЕП, Вјахирева е МВП

Европската ракометна федерација го објави идеалниот тим на Европското првенство за жени, и во него има девет ракометарки, од девет различни репрезентации. За најкорисна, МВП, е прогласена 23-годишната Ана Вјахирева од Русија.

Со финалето помеѓу Русија и Франција, вечерва завршува шампионатот, а ЕХФ одлучи без да го знае исходот, да го објави „дрим-тимот“ за првенството во Франција.

Најдобра голманка е некогашната вардарка, Амандин Лејно од Франција, која има 52 одбрани со процент на успешност од 36 отсто. На позицијата лево крило е Мајда Мехмедовиќ од Црна Гора, лев бек е Ноеми Хафра од Унгарија, среден бек е Стине Офтедал од Норвешка, десен бек е Алисија Штоле од Германија, десно крило Кармен Мартин од Шпанија, а пивот Крина Пинтеа од Романија. Најдобар дефанзивец е Кели Дуфлер од Холандија, а најкорисна ракометарка е Русинката Ана Вјахирева.

Во гласањето, 60 проценти вредат гласовите од новинарите и експтертите, а 40 отсто се од навивачите кои гласаа на сајтот на ЕХФ.

- Оглас -

Најнови вести