Напаѓачот на Барселона, Роберт Левандовски, објави дека нема да го продолжи договорот што му истекува со клубот и летово ќе замине како слободен играч. Тоа го направи преку проштална објава на социјалните мрежи, без да открие кој ќе биде неговиот следен клуб.
„По четири години исполнети со предизвици и напорна работа, време е да продолжам понатаму. Заминува со чувство дека мисијата е исполнета. Четири сезони, три титули. Никогаш нема да ја заборавам љубовта што ја добив од навивачите уште од моите први денови во клубот. Каталонија е моето место на Земјата. Благодарам на сите што ги сретнав на патот низ овие прекрасни четири години. Посебна благодарност до претседателот Жоан Лапорта што ми овозможи да го доживеам најневеројатното поглавје од мојата кариера. Барса се врати таму каде што припаѓа. Да живее Барса. Да живее Каталонија“, стои во обраќањето на 37-годишниот фудбалер, кое беше придружено со специјално видео.
Од Барселона исто така преку социјалните мрежи му се заблагодарија на полскиот репрезентативец за неговиот придонес во успесите на тимот во последните четири сезони.
„Дојде како ѕвезда. Заминува како легенда. Ти благодариме, Роберт Левандовски, за секој гол, секоја битка и секој магичен момент носејќи ги овие бои. Засекогаш ‘кулер’“, напишаа од клубот.
Така, на Левандовски му преостануваат уште само два натпревари во сино-црвениот дрес: домашниот дуел против Бетис и гостувањето кај Валенсија. Во досегашните 191 натпревар за клубот, тој постигна 119 голови и забележа 24 асистенции. Освен трите титули во Ла Лига, освои и три Суперкупа на Шпанија, како и еден Куп на Кралот.
Најверојатно неговата следна дестинација ќе биде САД или Саудиска Арабија, бидејќи клубовите од Италија и Португалија што се поврзуваа со него не можат да си ја дозволат неговата висока плата.

