Левандовски лани за малку не ја освои Златната копачка, годинава изгледа нема бегање

Најдобриот фудбалер на светот за 2020 година, Роберт Левандовски од Баерн Минхен, годинава има цел првпат во кариерата да ја освои Златната копачка за најдобар стрелец во европските лиги и на добар пат е да успее. Полјакот сезонава има дадено дури 28 гола, што засега му носи 56 поени (секој гол во топ 5 лигите се множи со два), а до крајот на Бундеслигата има уште 11 кола.

Ако продолжи во ист ритам, Левандовски може да даде и 40 гола во 34 кола, колку што трае Бундеслигата. Во моментов, втор за Левандовски на листата на најдобри стрелци во Европа е Јункер од норвешкиот Бодо/Глимт со 27 погодоци, но тоа се 40,5 поени бидејќи гол во норвешката лига во рангирањето за Златна копачка се множи со 1,5.

Од топ 5 лигите, најблиску, ако може да се каже дека се блиску зад него, бидејќи имаат по 19 гола, девет помалку од Левандовски, се: Кристијано Роналдо од Јувентус, Андре Силва од Ајнтрахт и Лионел Меси од Барселона. По 18 гола имаат Лукаку од Интер и Мбапе од ПСЖ, 16 има Луис Суарес, а во топ 10 стрелци котираат и Пелегрино од Кристијансунд и Онуачу од Генк.

Сепак, според формата која ја прикажуваат, најголема опасност за Левандовски може да дојде од Меси, кој во 2021 година има веќе 12 гола на последните девет меча.

Во претходните две сезони, за Златна копачка доволни беа 36 гола. Левандовски е на осум од таа бројка, а му останаа 11 кола да се обиде да ја оствари целта. Рекордот од 50 гола на Меси од 2011/12, или 48-те на Кристијано Роналдо од 2014/15 веројатно ќе останат недостижни уште долго.

- Оглас -

Најнови вести