Полскиот напаѓач Роберт Левандовски, кој сега игра за Барселона, и понатаму не разбира зошто не му беше доделена Златната топка во 2020 година, кога доделувањето на наградата беше суспендирано поради пандемијата на корона-вирусот.
Тој ова го кажа во поткастот со некогашниот англиски фудбалер Рио Фердинанд. Леви го собори рекордот за голови во Бундеслигата во сезоната 2020-2021, тие 2020 и 2021 беа неговите најдобри години, но „Франс фудбал“ одлучи да не дава Златна топка во 2020 година, додека во 2021 наградата му ја додели на Лео Меси.
„До овој моментов не разбрав зошто. Се играа сите лиги, се играше Лигата на шампионите и затоа се прашувам зошто не ја доделија? Знам дека фудбалот понекогаш функционира како политика“, рече Полјакот.
На прашањето на Фердинанд дали би ја прифатил наградата доколку францускиот магазин му ја додели сега, четири години подоцна, Левандовски одговори „секако“.