Левандовски шокиран од одлуката на полскиот селектор

Португалскиот стратег Пауло Соуса ја шокира полската спортска јавност откако ја откри својата намера да си замине од селекторската позиција на Полска. Соуса доби понуда да биде тренер во бразилскиот гигант Фламенго и се очекува да си замине од селекторското место во Полска, и тоа непосредно пред баражот за пласман на Светското првенство во Катар.

„Дојде Соуса и ме извести дека сака договорен раскин на договорот со Полска и тоа затоа што има понуда од друг клуб. Тоа е крајно неодговорно однесување и затоа го одбив тој предлог“, откри претседателот на Полската фудбалска федерација, Сезар Кулеца.

И најдобриот полски фудбалер, Роберт Левандовски, е разочаран од одлуката на селекторот.

„Ова е нешто кое не го очекувавме. Шокиран е и разочаран од постапките на тренерот Соуса“, порача портпаролката на Левандовски, Моника Бондарович.

И покрај негативните реакции во Полска, Соуса е решен да го раскине договорот и да потпише двегодишен договор со бразилскиот гигант Фламенго.

- Оглас -

Најнови вести