Ливерпул губи на „Енфилд“ од кого стигне, изгледа и тоа е дел од „новото нормално“

Им посакуваме среќен 8 Март на припадничките на понежниот пол кои го слават празникот, а некако овој датум асоцира и на ланскиот почеток на хаосот со корона-вирусот во фудбалот. Вирусот овој период почна да зема замав и брзо по 8 март 2020 натпреварите почнаа да се играат без публика.

Еден од последните важни натпревари кои се играа со публика беше Ливерпул – Атлетико Мадрид. Тогашниот европски првак изненадувачки загуби и отпадна од Лигата на шампионите, но тогаш никој не ни сонуваше дека Црвените со резултатите во нивниот храм „Енфилд“, една година подоцна после дуелот со Атлетико ќе станат за потсмев.

Ливерпул со години немаше домашен пораз во Премиер лигата, а откако загуби еднаш, сега веќе не може да прекине да губи. По позитивниот, сега поставуваат негативен клупски рекорд, кој стигне ги победува на „Енфилд“. Да имаше публика, тешко дека ќе загубеа шест меча по ред, ова што му се случува на тимот на Јирген Клоп не е нормално, исто како што не беше нормална ни нивната доминација во минатата сезона.

Но, со ковид-19 ништо не е чудно, ова е „новото нормално“.

Многу обложувачи „паднаа“ на киксот на Ливерпул од Фулам, се чекаше прекин на црната серија, но нешто не штима во оркестарот на Клоп, што се виде и против Челзи, кога првиот стрелец Салах му се налути што беше заменет.

Кризата во Ливерпул ја користат другите, особено манчестерските тимови кои уживаат во големата предност пред актуелниот првак. Манчестер сити газеше сè пред себе, врза 21 триумф едноподруго, но вчера загуби од Јунајтед. Граѓаните може сега да паднат и да спојат неколку меча без победа, а ако веднаш им се вратат на победите, тогаш титулата сигурно е нивна, со тоа што ќе им остане горчина што загубиле од градскиот ривал.

КИРИЛ ЛАЗАРОВ РИЗИКУВА ШТО ЌЕ БИДЕ И СЕЛЕКТОР И КАПИТЕН

Сите пријатно се изненадија кога слушнаа дека легендата Кирил Лазаров ќе биде нов селектор на машката ракометна репрезентација, Кире има поддршка од сите страни, а наскоро и ќе дебитира на клупата, поточно ќе комбинира и на клупа и на герфлорот.

Познавајќи го менталитетот на нашиот народ, Кире треба да биде подготвен после првиот или вториот пораз, брзо да бидат заборавени сите негови голови и победи кои ѝ ги донесе на македонската репрезентација. Дај боже дежурните критичари да немаат многу поводи да го напаѓаат дека премногу рано се нафатил на оваа работа или дека не може да се седи на две столици.

Лазаров и понатаму ќе шефува и советува и на терен. Не сме имале ваков случај досега. Останува и играч, останува и капитен, ја има целата „власт“ во селекцијата. Му посакуваме успех, нека тргне со добар резултат над силната Данска в четврток, а и нека продолжи да дава голови.

Како селектор, Лазаров веќе повлече неколку интересни потези, го врати Миркуловски и јасно е дека репрезентацијата добива друга димензија. Само нека останат насмевките на лицата и позитивните мисли.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести