Ливерпул пред 30 години освои титула, а „Енфилд“ не беше преполн

На 28 април 1990 година, Ливерпул дома го совлада Квинс парк ренџерс со 2-1 и со тој триумф си ја обезбеди 18-тата шампионска титула во Англија. Тој трофеј го искачи Ливерпул на првото место на вечната листа на најтрофејни тимови. Во тоа време, да се биде првак на Англија, беше нешто нормално и вообичаено за Црвените.

Веројатно затоа, а и од безбедносни причини и поради инцидентот кој се случи една година порано, во кој загинаа 96 нивни навивачи, „Енфилд“ не беше исполнет до последно место кога им гостуваше КПР во меч на кој победата значеше титула.

Сега времињата се сменија, Ливерпул дури 30 години чека(ше) титула во Премиер лигата. Помладите не знаат, а веројатно и дел од средната генерација фанови на клубот не се сеќаваат како е да се биде првак на Англија. Тоа искуство ќе го имаат летово.

Дали Ливерпул ќе стане првак уште вечерва, останува да се види. Потребно е Манчестер сити да не победи на гостувањето кај Челзи. Ако победат Сините или ако заврши нерешено, Ливерпул на седум кола до крајот ќе ја обезбеди титулата, толку очекуваната 19-та. Ако Граѓаните победат, тогаш наредната шанса на Ливерпул ќе биде гостувањето токму кај Сити на 2 јули. Таму на Ливерпул ќе му одговара и нерешено за да слави титула пред очите на тимот кој лани „пред нос“ му го зеде трофејот.

Доколку Сити вечерва не победи, на 2 јули ќе треба да трпат своевидно понижување и да направат шпалир при излегувањето на новиот првак Ливерпул на теренот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести