Ливерпул со една нога во полуфинале, Сити ќе се „вади“ во Манчестер

Ливерпул издвои сигурен триумф од 2-0 против Порто во првата четвртфинална пресметка од Лигата на шампионите. Избраниците на Јирген Клоп важеа за фаворити и ги оправдаа очекувањата, а до посакуваната победа стигнаа уште во првиот половина час игра од мечот на „Енфлид“.

Кејта отвори во петтата минута, при асистенција на Фирмино, а тој е првиот играч од Гвинеа кој постигнал гол во нокаут-фаза од ЛШ. Во 28-мата минута, Фирмино овојпат се запиша како стрелец, а за лесниот погодок асистираше Александер-Арнолд. „Црвените“ дојдоа и до трет погодок набрзо по почетокот на вториот дел, но судијата со помош на технологијата ВАР го поништи голот на Мане поради недозволена позиција.

Тотенхем со минимални 1-0 славеше против Манчестер сити, а хероите на „петлите“ се капитенот Љорис и Сон. „Граѓаните“ ја контролираа топката во раната фаза, па се најдоа во позиција да поведат преку Агуеро, но голманот на Тотенхем успеа да го спречи неговиот обид од белата точка. За Аргентинецот тоа беше четврти утнат пенал во ЛШ од вкупно 13 обиди, па со тоа се изедначи со Руд ван Нистелрој во утнати пенали во европското натпреварување.

Доста се чекаше за да се затресе мрежа на новиот стадион на лондончани, а тоа го направи Сон во 78-мата минута. Јужнокореецот го постигна првиот гол за Тотенхем во ЛШ на новиот стадион, откако тоа го стори минатиов викенд во Премиер лигата.

https://www.dailymotion.com/video/x75jr3s

- Оглас -

Најнови вести