Љубовта меѓу Јувентус и Алекс Сандро ќе трае уште четири години


Алекс Сандро потпиша нов договор со Јувентус, според кој во Торино ќе остане до јуни 2023 година. Четиригодишниот договор му носи и поголема плата, од досегашните 2,8 милиони по сезона, сега Сандро ќе заработува четири милиони евра годишно.

Иако извесно време се споменуваше негово заминување од Јуве, сепак, бразилскиот лев бек ќе остане верен на италијанскиот првак, клубот со кој освои три Скудета и три трофеи во Купот на Италија во изминативе три сезони.

„Денес е еден од најсреќните денови во мојата кариера. Добив шанса уште долга низа години да ги бранам боите на Јуве, клубот со којшто остварив многу успеси во изминативе три години. Секогаш сум го давал максимумот за црно-белиот дрес, а се надевам дека и во иднина ќе им носам радост на симпатизерите на клубот“, истакна Сандро.

По неговата преселба од Порто во 2015 година, Сандро за брзо стана главна фигура во плановите на Масимилијано Алегри. Сезонава е незаменлив на неговата позиција, Сандро е единствениот дефанзивец на Јуве кој ги одигра сите натпревари досега, а вкупно забележа 134 настапи во црно-белиот дрес.

- Оглас -

Најнови вести