Романија загуби на гостувањето кај Австрија со 2:1 и драстично ги намали шансите во борбата за првото место во групата од квалификациите за пласман на СП 2026. По три кола, Романија е само со три бода, додека Босна и Херцеговина е лидер со максимални девет бодови. За Австрија ова беше прв меч и веќе има три бода.
По завршување на дуелот во Виена, селекторот на Романија, Мирчеа Луческу призна дека противникот бил подобар.
„Австрија заслужи да победи. Посилен тим имаат. Разликата беше очигледна. Веднаш ја преземаа иницијативата. Ние и немавме среќа. Примивме гол од офсајд. При првиот гол имаше и фаул над Банчу. Ќе беше поинаков текот на мечот ако на полувреме заминевме со 0:0. По примениот гол, нашето темпо на игра падна. Ни недостасуваше сила. Играчите мора да сфатат дека ова е патот по кој мора да одиме“, рече Луческу по поразот.
Веднаш потоа, селекторот на Романија беше запрашан дали ќе си даде оставка, па следуваше експресна реакција. „Абе ајде, оставете не на мира. Завршив со вас сега“, беше реакцијата на Луческу.