„Лудиот“ потег на Енрике ја донесе победата на Шпанија на „Сан Сиро“

Шпанија ја победи Италија со 2:1 во Милано и ја прекина повеќе од тригодишната низа без пораз на Аѕурите. За Италија ова е прв пораз во историјата на „Сан Сиро“, а капитулираа како актуелени европски прваци.

Црвената фурија доминираше речиси во текот на целиот меч, Шпанците ја добија битката на средината на теренот, каде што во составот на гостите се појави едно непознато младо момче. Пабло Мартин Паес Гавира, или скратено Гави е талентиран фудбалер кој пред два месеци наполни 17 години и е член на Барселона.

Тинејџерот Гави имаше задача да се надмудрува со Марко Верати и останатите италијански играчи за врска и се покажа како победник.

Енрике не само што го вметна во првиот тим, туку му даде шанса да остане на теренот до 85-тата минута, што е првпат во кариерата Гави да игра толку долго на еден меч. Во дресот на Барселона одигра неколку меча, играше и за Барселона Б и за Барселона У18, но никогаш на теренот не останал 85 минути, што само покажува колкава доверба селекторот Енрике има во овој млад играч.

„Ова беше одличен прв меч за Гави. Не е нормално за еден 17-годишен фудбалер да игра толку добро. Има карактер, одлична физичка подготвеност и го разбира нашиот стил на игра. Јасно е дека тој не е нашата иднина, туку нашата сегашност. Гави игра фудбал со леснотија како да е во неговиот двор или со пријателите на улица“, рече интересниот Енрике за играта на Гави по победата над Италија.

Гави во академијата на Барселона пристигна кога имаше 11 години, а со неполни 15 години заигра за тимот У16. Минатата година беше префрлен во У19, прескокнувајќи една цела генерација, што е вистинска реткост во школата „Ла Масија“ на Барселона.

За Б тимот на Барселона одигра само три меча и веднаш потоа беше префрлен во најдобриот состав. Во Примера дебитираше на 29 август против Хетафе и веќе има седум средби во сениорскиот тим на Барселона, но ниту еднаш на теренот не помина 85 минути како што тоа го направи синоќа на дуелот против Италија во Милано.

Гави веќе сруши еден рекорд, а тоа е дека стана најмлад репрезентативец во историјата на Шпанија само со 17 години и 62 дена, но од ваков талент може да очекуваме уште неверојатни постигнувања.

 

- Оглас -

Најнови вести