Лудо финале во Барселона: Надал и Циципас испуштаа меч топки, три сета ги играа речиси четири часа

Рафаел Надал се измачи додека да дојде до својата 12-та титула на турнирот во Барселона. Тој во спектакуларното финале кое траеше 3 часа и 38 минути, го победи Стефанос Циципас со 6-4, 6-7, 7-5, и делумно му се реваншираше за болниот пораз на Австралијан опен пред неколку месеци.

Циципас и сега можеше да победи, во третиот сет имаше меч поен, но не го искористи. Надал работата можеше да ја заврши многу порано, но во вториот сет на негов сервис прокоцка два меч поени. Ова беше најдолг меч годинава, од оние кои се играле во три сета.

За Циципас, ова беа првите загубени сетови годинава на земјена подлога, а за утеха, тој е првиот по Давид Ферер од 2008 година, кој освоил сет против Надал во финале во Барселона. После победата, Надал од утре се враќа на второто место на АТП листата. Гркот во некое идно осмо финале ќе ја бара првата титула на турнирите од серијата 500.

- Оглас -

Најнови вести