Не е тајна дека Милан е сериозно заинтересиран за ангажирање на српскиот напаѓач Лука Јовиќ, кој е член на Реал Мадрид, Јовиќ ќе биде еден од приоритетите на Росонерите во преодниот рок, а сега и самиот играч ги подгреа шпекулациите за можен трансфер на „Сан Сиро“.
Јовиќ почна да го следи Милан на социјалните мрежи, а неговиот лајк на страницата на Милан израдува многумина фанови на клубот од Милано. Милан е во потрага по една „деветка“ која би го заменила ветеранот Златан Ибрахимовиќ, а Јовиќ им е желба бидејќи добро би соработувал со Анте Ребиќ, со кого беа убиствен тандем во Ајнтрахт.
Јовиќ лани од Ајнтрахт премина во Реал за 60 милиони евра, но даде само два гола и не се наметна кај Зинедин Зидан како сериозна конкуренција за Карим Бензема. Од Реал најавуваат дека ќе имаат трпение и не би го продале Јовиќ, но ако добијат добра понуда, веројатно ќе размислат. Ако Кралскиот клуб и во претстојниот преоден рок купи нов напаѓач, тогаш дефинитивно младиот Јовиќ ќе биде вишок.
Јовиќ сезонава беше повеќе поврзуван со случувања надвор од теренот. Се обелодени неговата љубовна врска со манекенката Софија Милошевиќ, со која сега чекаат принова, а потоа во Белград го прекрши карантинот, наместо да биде во изолација, се шеташе и имаше проблем со полицијата и властите во Србија.
Без дилеми, на Јовиќ по враќањето во Мадрид, му претстои разговорот со раководството на Реал, а следењето на Милан може дополнително да му го искомплицира статусот во сегашниот клуб. Ако се пресели во Италија, првпат би играл таму, но тоа е добро позната земја за девојка му од времето кога беше во врска со Адем Љајиќ.