Лука Модриќ ќе го напушта „Сан Сиро“?

Лука Модриќ сигурно замислувал поинаков крај на својата епизода во Милан. Наместо проштален круг на „Сан Сиро“ проследен со аплаузи од навивачите по успешна сезона, неговото заминување ќе остане запаметено низ сликата на разочаран и исцрпен шампион кој мораше да се соочи со неуспех, пишува „Тутомеркатовеб“.

Неуспехот на Милан да избори пласман во Лигата на шампионите остави длабока трага во соблекувалната, а ниту хрватскиот ветеран, и покрај огромниот ангажман, не успеа да ја промени судбината на тимот. До самиот крај веруваше во европски успех, па дури и го забрза закрепнувањето од повредата на јаболчницата за да биде подготвен за клучниот натпревар против Каљари.

Продолжувањето на неговиот договор за уште една сезона изгледаше како обична формалност. Модриќ веќе имал начелен договор со тренерот Масимилијано Алегри и со клупското раководство, но пред конечниот потпис сакал да добие јасни спортски гаранции за иднината на проектот.

Сепак, неуспехот на Милан да се пласира во Лигата на шампионите целосно ја промени ситуацијата. Според извори блиски до фудбалерот, Модриќ е длабоко разочаран од развојот на сезоната, падот на тимот, протестите на навивачите и општата нестабилност во клубот.

Иако важи за еден од најмалку виновните за неуспешната сезона, освојувачот на Златната топка наводно веќе го известил клубот дека сака да стави крај на својата авантура во Милан.

Кога станува збор за неговата иднина, „Тутоспорт“ пишува дека најреална опција е враќање во Мадрид. Понудите од Саудиска Арабија и САД наводно не го привлекле, додека Реал Мадрид размислува да му понуди директорска или друга оперативна функција во спортскиот сектор на клубот.

Пред да ја донесе конечната одлука, Модриќ ќе земе неколку дена одмор бидејќи наскоро го очекува и Светското првенство со хрватската репрезентација.

- Оглас -

Најнови вести