Мајката на Гронковски дочека пензија на сите пет синови

Роб Гронковски, членот на шампионите на НФЛ, Њу Ингланд пејтриотс, одлучи да ја заврши професионалната кариера пред да наполни 30 години (на 14 мај му е роденден). Трикратниот НФЛ-првак е петтиот член на семејството Гронковски кој става крај на спортска кариера, а како што истакна неговата мајка Дајен Волтерс, дочека пензија на сите пет синови кои се занимаваа со спорт.

Покрај популарниот „Гронк“, американски фудбал играа и неговите браќа Ден, Крис и Глен, додека Горди јуниор се бавеше со бејзбол на професионално ниво. Најпознатиот од браќата Гронковски, по девет години играње за Пејтриотс, одлучи повеќе да не го троши телото на теренот.

„Повеќе од 30 години ги следам кариерите на моите синови, чувствувам дека и јас се пензионирав. Ако се соберат сите пет кариери посебно, тоа е исто како да сум следела спорт 130 години. Искрено, Роб ме изненади со одлуката бидејќи воопшто не кажа дека планира да се пензионира, но го разбирам. Знам дека размислува за иднината, Роб не би сакал да има последици и болки во телото на 50 години, затоа мислам дека донесе вистинска одлука да се повлече“, истакна Дајен за американските медиуми.

Гронковски во 2010 година беше избран како втор пик на драфтот, со Њу Ингланд освои три шампионски титули, четирипати се најде во Ол-про тим на годината, а постави и неколку рекорди на неговата позиција тајт-енд.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести