Мајорка е сѐ поблиску до опстанок во Ла Лига

Мајорка оствари важна победа на гостински терен, совладувајќи ја Жирона со 0-1 во натпревар од 35-тото коло на Ла Лига.

Екипата што ја предводи Мартин Демикелис направи можеби клучен чекор кон опстанок во елитното друштво, бидејќи во моментов има четири бода повеќе од зоната на испаѓање, иако Севиља допрва ја очекува својот дуел со Реал Сосиедад.

Првото полувреме мина во релативно израмнета игра, со желба кај двете екипи да стигнат до сигурна зона, но без поголеми возбудувања пред двата гола. Сепак, серијата напади без конкретен ефект беше прекината од гостите.

Во 43-тата минута Мохика испрати прецизен центаршут од левата страна, а Саму Коста највисоко скокна и со удар со глава го совлада голманот Газанига за 0-1.

Во второто полувреме Жирона ја презеде иницијативата и создаде неколку сериозни шанси, преку Стуани и Хил, но без реализација. Мајорка успешно се одбрани до крај и стигна до исклучително важна победа во Каталонија.

Со овој триумф Мајорка се израмни со Жирона на 38 бодови, но каталонскиот тим останува на 16-та позиција поради послаба гол-разлика.

- Оглас -

Најнови вести