Мајкл Карик, по сè изгледа, ќе остане на позицијата менаџер на Манчестер јунајтед и следната сезона.
По отказот на Рубен Аморим, Карик во јануари ја презеде функцијата менаџер на „црвените ѓаволи“. Се очекуваше да остане до крајот на сезоната, но на крајот би можел и официјално да биде именуван за постојан шеф на стручниот штаб.
Раководството на клубот е презадоволно од работата на 44-годишникот и сè поблиску е до одлука да му понуди договор и за наредните години.
„Мајкл Карик чека официјални разговори за менаџерската позиција и е сериозен кандидат за тоа место. Јунајтед сака да разговара и со други кандидати, а пласманот во Лига на шампиони нема да влијае на тој план“, наведуваат англиските медиуми.
Дополнително се истакнува дека неколку клучни фудбалери, меѓу кои Бруно Фернандеш, Матеус Куња и Хари Мегваер, сакаат Карик да остане на функцијата. Тој веќе е вклучен и во планирањето на засилувањата.
Главна опција за клупата на гигантот од „Олд Трафорд“ беше Томас Тухел, но од таа можност нема ништо.
Карик во моментов е најсериозниот кандидат и речиси е извесно дека ќе остане на позицијата, со голема поддршка од навивачите и играчите.
Младиот стратег има одличен биланс, во 14 натпревари забележа 10 победи, две ремија и два порази. Кратко го водеше тимот и во 2021 година, кога во три меча оствари две победи и едно реми.
Во меѓувреме, работеше успешно и во Мидлсборо, каде што за две и пол години во Чемпионшип на 136 натпревари оствари 63 победи, 24 ремија и 49 порази.

