Македонската кошаркарска репрезнетација за играчи до 18 години продолжува со победничка игра на Европското првенство Б дивизија кое се игра во Скопје. Во третото коло, македонските надежи со 94:86 ја победија Чешка.
Во првата четвртина двете екипи се менуваа во водство, а по 10 минути игра беше нерешено (27:27). Во втората четвртина при резултат 48:46 за Македонија, нашите надежи со серија од 9:0 стигнаа до првата двоцифрено водство (57:46).
Македонија водеше во целата трета четвртина, но на почетокот од последните 10 минути, Чешка стигна до нерешено (72:72). Сепак, нашите надежи тогаш заиграа многу подобро и со серија од 10:0 за предност од 82:72 и на крајот Македонија стигна до трета победа во третиот меч на овој турнир.
Капитенот Јаничиќ беше лидер на Македонија со 25 поени и по пет скока и пет асистенции, а одлични беа и Стојковиќ со 20 поени, Луканоски со 16 поени и девет скока, како и Ќирилоски кој имаше дабл-дабл со 14 поени и 10 скока.