Историска беше 2021 година – Македонија ни го исполни сонот од детство, играше на Европско првенство

Незаборавна за фудбалот во Македонија беше 2021 година, која заминува, а ќе ја паметиме по историскиот настап на прво големо натпреварување во сениорска конкуренција, на Европското првенство, но и по победата против Германија на гостински терен во квалификациите за настап на Мундијалот во Катар оваа година.

Најавата за репрезентативниот фудбал е одлична и за новата година, па во март 2022 година ќе играме најмалку еден бараж, а посакуваме и два, па и две победи за пласман на Светското првенство.

На 24 март домаќин во Палермо ќе ни биде четирикратниот светски првак Италија, селекција која е и актуелен европски првак.

Ако приредиме подвиг ќе играме финале против победникот од второто полуфинале меѓу Португалија и Турција, повторно на гости на 29 март.

Токму март, но во 2021 година потврди дека Македонија има прекрасна генерација фудбалери за големи дела, а избраниците на тогашниот селектор Игор Ангеловски приредија чудо во Дуисбург и за првпат по две децении ја победија Германија на нејзин терен во квалификациски меч за Мундијал.

Горан Пандев и Елиф Елмас со победнички голови ја крунисаа сензацијата над сензациите што одекна како светско спортско чудо.

Македонија го победи гигантот со 2:1 и најави нови големи дела како загревање за првиот настап на големо натпреварување, настапот на ЕП ова лето.

Во Букурешт игравме два меча, против Австрија и Украина, во фантастична атмосфера. Повторно Македонија беше на насловните страници, иако ги загубивме двата меча, а навивачите кои беа фантастични беа во преден план.

Познатото кортео од над 6-7 илјади македонски навивачи ѝ даваше оргомна поддршка на својата репрезентација во главниот град на Романија и беше во фокусот и со фантастичното однесување. Го разбудија Букурешт и цела седмица беа во фокусот како пример во навивачкиот свет.

Македонија ги загуби сите три натпревари во првото учество на Европско првенство, а ќе се памети и Амстердам и дуелот со Холандија, на кој од дресот со национални симболи се прости Горан Пандев.

Капитенот на македонската репрезентација доживеа заслужени овации на „Јохан Кројф арената“ во Амстердам во последниот меч што го одигра за Македонија.

Потоа се случи и смената на кормилото на македонската репрезентација, па на местото на Игор Ангеловски дојде Благоја Милевски.

Милевски е првиот селектор на македонска репрезентација што бил на Европско првенство, а подвигот го приреди со младинците во 2017 година, што ја паметиме по настапот на Македонија на ЕП во Полска.

Сега пред него е голем предизвик да се надиграат Италија и евентуално Португалија, или Турција во исклучително тешка позиција и ждрепка за пат на Мундијалот во Катар.

Македонија со оваа генерација фудбалери има на што да се надева, а посебно ќе биде возбудливо во март, на 24, во Палермо против Италија и се надеваме и пет дена подоцна против Португалците или Турците во завршниот бараж за настап на Светското првенство во Катар.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести