Македонската ракометна репрезентација е подготвена вечерва да донесе нова голема радост на сите фанови. Нашата селекција од 19 часот во „Борис Трајковски“ ќе го игра реванш бараж дуелот против Словачка, за пласман на Светското првенство кое ќе се игра следната година.
На првиот меч на гостински терен, Македонија покажа дека е многу поквалитетна од Словачка и победи со убедливи 31:24, па денешната пресметка ќе биде само формалност. Се очекува нов убедлив триумф на Македонија и пласман на уште едно големо натпреварување.

Освен мечот, Ракометната федерација на Македонија за денеска најави Национален ден на ракометот, со активности кои ќе започнат уште во 14 часот пред салата „Борис Трајковски“. На две ракометни игралишта ќе продефлирираат деца од преку 30 школи, а освен што ќе се игра ракомет, ќе има и многу забавни активности. Затоа вреди да се биде пред „Борис Трајковски“ и неколку часа пред да започне средбата за пласман на Мундијалот по кој Македонија ќе се радува.

