Македонија сега мечтае и за учество на Мундијалот во Катар

Европската фудбалска федерација (УЕФА) го објави новиот систем на квалификации за пласман на Светското првенство кое во 2022 година ќе се одржи во Катар. Вкупно 55 селекции ќе се борат за 13 места кои треба да бидат пополнети од репрезентации од Стариот Континент. Добра вест за оние национални тимови кои се со мали шанси за пласман преку квалификациите е и тоа што повторно ќе има дополнителна шанса преку Лигата на нациите, како што тоа се прави и за Европското првенство 2020.

Репрезентациите ќе бидат поделени во 10 квалификациски групи (пет групи ќе имаат по пет селекции и пет групи со по шест селекции). Победниците од сите 10 групи ќе обезбедат директно место на Мундијалот во Катар. Останатите три места ќе бидат пополнети на поинаков начин од тоа што беше досега.

Второпласираните селекции во сите 10 групи ќе одат во бараж, заедно со плус два национални тима кои баражот ќе го изборат преку Лигата на нациите за сезона 2020/21. Тие 12 селекции ќе бидат поделени во три дела со по четири тима. Ждрепката ќе одлучи кои селекции ќе играат во полуфиналето, а победниците ќе се сретнат во финалето. Тие што ќе се радуваат на победа во трите финални меча од сите три дела, ќе бидат последните тројца патници за планетарниот собир во Катар.

Колку за потсетување, во квалификациите за СП 2018 во Русија имаше девет групи, во кои победниците одеа директно на завршницата, додека осумте најдобропласирани втори играа бараж за останатите четири места. Сега, за првпат и Лигата на нациите ќе има улога за пласман на СП.

Првото издание на Лигата на нации ја остави македонската репрезентација во игра за пласман на ЕП 2020. Македонија во полуфиналето во март следната година ќе игра против Косово во Скопје, а потоа со евентуален триумф, ќе биде само на една победа од историси пласман на завршницата на големо натпреварување.

- Оглас -

Најнови вести