Македонската снукер-експедиција на ЕП заглави на патот кон дома, бараат помош да пристигнат безбедно

Коронавирусот им донесе проблеми на македонските репрезентативци во снукер, кои за првпат играа на Европско првенство во Албуфеира, Португалија.

На дебито тројцата наши претставници Филип Нешкоски, Павле Данилов и Влатко Јанев не забележаа ниту една победа, но сега тоа е најмал проблем за нив и за судијката Ана Србиновска.

Нашата експедиција сега има проблем како да се врати дома поради затворените граници во Европа поради епидемијата со Коронавирусот.

„Огромен притисок и проблем за играчите, но и за одговорните лица на Снукер Асоцијацијата на С. Македонија направи и моменталната светска ситуација со пандемија од Коронавирусот. Откажани летови, откажани резервации и букирани карти, рестрикции со багажот и слично се само еден дел од компликациите кои произлегоа од пандемијата. Впрочем, целата ситуација стана многу сериозна и враќањето на нашите играчи и судијката Ана Србиновска (која е на првенството од самиот почеток од 6 март) доби приоритет и согласно сите препораки, се преземаат мерки за што поскоро тие да се вратат во нашата држава и во своите домови. Додека трае уште првенството, тие веќе патуваат и се надеваме дека согласно плановите и распоредот на превозот, тие веќе утре ќе бидат успешно пристигнати дома.

САСМ сака да испрати апел до сите наши надлежни институции и амбасади кои веќе се контактирани од Националната асоцијација, максимално да ни помогнат за безбедно враќање на нашите спортски амбасадори. Да сториме што е во наша моќ, првото нивно учество на Европско првенство да остане во поубаво сеќавање“, е апелот на раководните лица на нашата Снукер федерација за помош од македонските институции за безбедно враќање на снукер-експедицијата од ЕП во Португалија.

- Оглас -

Најнови вести