Кире Ристевски беше на вистинското место кога најмногу му требаше на Ујпешт и со гол во 94-тата минута му донесе победа на својот тим против Залаегершег и го запечати опстанокот на тимот што е гигант во Унгарија.
Нашиот репрезентативец погоди за триумф од 2:1, а ова му е втор гол во противничка мрежа во краток период, откако по 3 години пост без погодок, на 9 јуни конечно ја тресеше мрежата, и тоа за водечки погодок против Дебрецин.
И вечерва беше прецизен и со убав удар со нога ги разреши сите дилеми околу опстанокот на Ујпешт во Првата унгарска лига.
Во меѓувреме, Ристевски си постигна и автогол пред десеттина дена на македонскиот дуел со Николов и Муслиу, односно против МОЛ Фехервар.
Сепак, сè се заборава по денешниот погодок што е најзначаен сезонава за Ујпешт и донесе многу радост во таборот на 20-кратниот првак на Унгарија.