Македонските Кралеви кои на „Сантијаго Бернабеу“ се радуваа на лудата победа против ПСЖ составија хуманитарен тикет од 6.000 евра

Реал Мадрид уште еднаш покажа зошто е најтрофеен клуб во историјата на Лигата на шампионите, и со неверојатен пресврт го елиминира Пари Сен Жермен од елитното натпреварување на УЕФА. Овој анталогиски меч на „Сантијаго Бернабеу“ никако не смееше да помине без најверните македонски навивачи на Реал Мадрид. Членовите на популарната „Пења мадридиста Македонија“ во средата беа сведоци на легендарниот стадион за пресвртот и победата на Реал од 3:1 против ПСЖ.

Ташко Гуџов е претседател на „Пења мадридиста Македонија“, човекот кој е „алфа и омега“ меѓу сите фанови на Реал Мадрид во нашата земја. Токму Гуџов заедно со уште 12 верни навивачи во вторникот отпатуваа кон Мадрид за да го бодрат Реал на дуелот против ПСЖ. Токму Ташко и фановите од „Пења мадридиста Македонија“ се гости на денешниот хуманитарен тикет и ќе се обидат да состават добитно ливче. Тие едноставно се научени да бидат добитни кога е фудбалот во прашање.

МАГИЈАТА НА „САНТИЈАГО БЕРНАБЕУ“ Е ПОСЕБНА, ОВА Е ЕДЕН ОД ОНИЕ МЕЧЕВИ КОИ СЕКОГАШ ЌЕ СЕ ПАМЕТАТ

Македонските фанови во живо биле сведоци на многу големи победи на Реал Мадрид, заедно со Кралевите се радувале дури на три европски титули, но тоа што се случуваше против ПСЖ е нешто посебно.

„Многу мечеви сме гледале во живо, имало неверојатни дуели, а овој секако е еден од најдобрите. Знаевме дека ќе биде тешко, но не и невозможно да се елиминира ПСЖ. Кога парижаните дадоа гол и на полувремето беше 0:1, шансите беа мали, но некако сите на трибините како да веруваа дека може да се случи пресврт. На полувремето коментиравме дека е потребен еден брз гол во вториот дел и потоа ќе биде полесно затоа што ќе требаше победа само од еден гол за да се стигне негативата од првиот меч. Тоа е така благодарение на новото правило дека гол во гости не се смета за предност. Кога Бензема го даде првиот гол, на трибините се создаде неверојатна атмосфера. Тоа е магија која може да се почувствува само на „Сантијаго Бернабеу“. Потоа нашите играа како во транс и на крајот се случи посакуваниот пресврт. Радоста беше на исто ниво како кога ги освојувавме титулите во ЛШ. Едноставно, феноменално чувство кое со зборови тешко се опишува“, вели Гуџов.

ЧЛЕНОВИТЕ НА „ПЕЊА МАДРИДИСТА МАКЕДОНИЈА“ ИМААТ ОТВОРЕН ПАТ ЗА ДОБИВАЊЕ БИЛЕТИ НА СИТЕ МЕЧЕВИ

Речиси пред 10 години започнала идејата за формирање македонски фан клуб на Реал Мадрид. Скоро две години траеле сите процедури за конечно во 2014 година да биде регистрирана „Пења Мадридиста Македонија“. Во годините кои следувале, македонскиот фан клуб станал респектабилен во Мадрид и еден од најпочитуваните што дејствуваат надвор од Шпанија.

„Откако памтам, навивам за Реал Мадрид. Тоа е клубот кој го сакам и решив да стапам во контакт со мадриѓани за да формирам македонска фан база. Бројката на членови во групата е променлива. Чланарината е 1.600 денари на годишно ниво и сите членови добиваат навивачки реквизити, како маички, шалчиња со амблемот на Реал Мадрид. Секако, сите членови имаат поголема можност да дојдат до билети за натпреварите на Реал. Благодарение на оваа наша група имаме можност да добиеме одреден број влезници за сите мечеви што ги игра Реал. „Сантијаго Бернабеу“ е посебен стадион. Филингот, љубов на прв поглед, едноставно плени. Тоа е монументална градба, неспоредлива со други во Европа. Има понови поголеми стадиони, но ниеден не е како ‘Сантијаго’“, објаснува Гуџов.

СВЕДОЦИ НА ТИТУЛИТЕ ОСВОЕНИ ВО МИЛАНО, КАРДИФ И КИЕВ, ГОСТУВАЊА РЕЧИСИ НИЗ ЦЕЛА ЕВРОПА

Љубовта кон Реал и формирањето на клубот на навивачи од Македонија било иницијална каписла за тоа што во изминативе неколку години Ташко и пријателите ја прошетале речиси цела Европа, и тоа со единствена цел – да го бодрат Реал Мадрид.

„Во изминативе неколку години, ‘Пења Мадридиста Македонија’ речиси и да нема пропуштено натпревар на Реал што се игра во европски рамки надвор од Шпанија, а често одиме и на домашните средби. Сме гостувале во Кардиф, Истанбул, Малме, Амстердам, Париз, Милано, Наполи, Рим, Никозија, Киев, Софија, Загреб, Минхен, Лондон, Дортминд, Гелзенкирхен, Торино…  Секако, посебни радости се по трите финалиња по ред во ЛШ во 2016, 2017 и 2018 година. Бевме во Милано, Кардиф и Киев и тоа се победи за историја“, се сеќава првиот човек на македонскиот фан куб на Реал Мадрид.

Кога биле во Истанбул, го посетиле хотелот каде што биле сместени фудбалерите и имале можност да одберат кој играч да се симне во холот за да се подружи со нив. Тие го одбрале дефанзивецот Пепе, кој е еден од омилените на Ташко. Тој вели дека од Реал најмногу ги цени оние играчи кои гинат на терен, па затоа покрај Пепе, омилени му биле и Серхио Рамос како и Касемиро.

ЕДИНСТВЕН ШТО СЕ СРЕТНАЛ И СО ФЛОРЕНТИНО ПЕРЕС

Гуџов открива дека и самиот клуб Реал Мадрид знае да ја цени работата на фан клубовите. Тој е единствениот Македонец кој добил покана да се запознае со претседателот на клубот, Флорентино Перес, и да биде директно во неговата канцеларија.

„Од Реал Мадрид ја ценат нашата работа. Ние сме единствениот фан клуб кој е надвор од Шпанија, а имаме дозвола да седиме зад голот со Града фанс. Посебно во сеќавање ми остана средбата со претседателот на клубот, Флорентино Перес. Три дена бевме гости на клубот. Од ВИП ложата гледавме меч против Бетис, го посетивме тренинг-центарот, бевме на вечера со официјални лица, а на крајот требаше да се запознаеме со Перес. Неговата канцеларија е три ката под стадионот и таму се стигнува само со лифт. Тоа е местото каде што сите играчи ги потпишуваат договорите, а и местото каде што стојат оригиналните трофеи освоени во ЛШ“, раскажува Ташко.

ВО 2017 ГОДИНА МАКЕДОНИЈА СЕ ПОКАЖА И КАКО ОДЛИЧЕН ДОМАЌИН НА РЕАЛ ВО СУПЕР КУПОТ НА УЕФА

Од околу 30 меча на Реал кои македонските фанови ги следеле низ цела Европа, во 2017 година тие добија шанса да бидат домаќини на нивниот омилен клуб.

„Во Скопје за Супер купот организиравме забава на која присуствуваше и Роберто Карлос, како и потпретседателот на клубот, Фернандо де Блас. Имаше навивачи од Шпанија, Бугарија, Хрватска и, секако, најмногу бевме ние од Македонија. Сите беа задоволни од тоа како го организиравме и навивањето на Супер купот“, се сеќава Ташко на тоа што се случуваше речиси пред пет години.

СЛЕДНИОТ ВИКЕНД ПОВТОРНО ВО ШПАНИЈА, СЛЕДУВА ЕЛ КЛАСИКО

Македонските навивачи кои во Мадрид го бодреа Реал против ПСЖ, денеска треба да се вратат дома, но нема да помине многу време за повторна авантура поврзана со Реал Мадрид. На 20 март Реал ќе гостува на „Камп ноу“ кај Барселона во Ел Класико.

„Секако дека ќе одиме и на Ел Класико во Барселона. Уште сега планираме и следење на четвртфиналето од Лигата на шампионите, иако уште не го знаеме ривалот. Веќе имаме побарувања на билети за овие натпревари“, вели Ташко од Мадрид, кој заедно со пријателите кои беа сведоци на легендарната победа над ПСЖ составија хуманитарен тикет во Sport Life.

- Оглас -

Најнови вести