Манчестер јунајтед против Норвич ќе игра за историја

Манчестер јунајтед е на прагот да испише историја доколку попладнево барем еднаш ја затресе мрежата на Норвич. Во мечот од 10-тото коло од англиското првенство, Црвените ѓаволи го бркаат јубилејниот 2.000 гол во Премиер лигата, со кој би биле прв клуб на кого му успеало да дојде до оваа бројка.

Изминатиот викенд во дербито против Ливерпул кое заврши со 1-1, Рашфорд го постигна 1.999-от гол за Јунајтед, а екипата на Оле Гунар Солсјкер веќе подолго време чека прилика да го постигне историскиот погодок.

Дваесеткратниот англиски првак во последните четири натпревари во Премиер лигата реализира само два погодоци, учинок кој може да биде проблематичен на денешното гостување кај Канаринците.

Иако Јунајтед ја подобри реализацијата откако Солсјкер ја презеде клупата, несвојствено е што освен против Челзи, гигантот од „Олд трафорд“ оваа сезона ниту еднаш се даде повеќе од еден гол на натпревар.

Во пресрет на закажаниот дуел во 17:30 часот, Јунајтед стои на 15-тата позиција на табелата со 10 бода, додека Норвич е претпоследен со само седум освоени бода во девет меча.

- Оглас -

Најнови вести