Манчестер сити потврди дека Шпанецот Родри има скинати лигаменти во коленото, повреда здобиена на неделното дерби со Арсенал.
Сити денеска официјално излезе со соопштение на својата веб-страница, се очекува Родри да биде опериран во Шпанија и да се рехабилитира во следните неколку месеци.
„Манчестер сити може да потврди дека Родри ги оштетил лигаментите на десното колено. Повредата беше заработена во првото полувреме од ремито со Арсенал во Премиер лигата викендов. Играчот од средниот ред отпатува во Шпанија на специјалистички консултации по неговите тестови во Манчестер. Прегледите се во тек за да се утврди целосната големина на повредата и да се даде точна дијагноза“, напишаа од Сити.
Родри, кој летоска беше прогласен за најдобар играч на ЕВРО 2024, е клучен играч во машинеријата на Пеп Гвардиола, иако сезонава речиси и да нема играно, а Сити победува. Минатата сезона Сити загуби четири од петте меча на кои не играше Родри. Сезонава зависноста од него не им е толку голема.
Статистиката во моментов е ваква: со Родри во тимот, Сити на 174 натпревари има 74 отсто победи и само 11% порази, а во просек постигнува 2,3 голови по меч.
Без Шпанецот во составот, на 21 натпревар тимот има 61% победи, 33% порази, а во просек без Родри тимот постигнува по 1,9 голови.