Манчестер сити со 200 милиони фунти тргнува по потписот на Мбапе

Манчестер сити ќе понуди рекордни 200 милиони фунти за ѕвездата на ПСЖ, Килијан Мбапе. Пеп Гвардиола верува дека со неговите квалитети, „граѓаните“ ќе можат да конкурираат за трофејот во Лигата на шампионите. Но, за трансферот да се реализира, Сити ќе треба да добие помош од УЕФА, односно од регулациите на финансискиот фер-плеј.

„Светците“ не размислуваат за продажба на младата мега-ѕвезда, попрво би се откажале од Нејмар, отколку да го изгубат предводникот на новата француска фудбалска генерација. Но, доколку УЕФА според истрагата одлучи дека се прекршени правилата на финансискиот фер-плеј од страна на францускиот гигант, ќе немаат многу избор. Случајот сѐ уште се води, па доколку ПСЖ биде казнет, можно е да добијат забрана за трансфери на одреден период, или пак да ги регулираат трошоците со евентуална продажба на Нејмар или Мбапе.

Според англиските медиуми, Сити сака да ја искористи оваа ситуација, па веќе во следниот преоден рок да тргне во офанзива по потписот на Мбапе. Тоа би бил нов трансфер рекорд, а трансферот на Нејмар во ПСЖ за 198 милиони фунти би станал втор најскап во историјата. Мбапе првично за „светците“ играше како позајмен играч од Монако, а летово неговата преселба стана перманентна, по исплатата на договорените 165 милиони фунти, односно 180 милиони евра за Французинот.

- Оглас -

Најнови вести