Манчини: Австрија беше добар тест, но ја заслуживме победата

Италија на потешкиот начин и со победа од 2-1 по продолженија над Австрија се пласираше во четвртфиналето на Европското првенство, успех за кој селекторот Роберто Манчини посочи дека е заслужен иако Австријците беа добар тест за несовладливата селекција предводена од екстренерот на Интер и Манчестер сити.

Манчини вели дека селекцијата на Австрија беше добар тест за неговите играчи и смета дека во четвртфиналето нема да имаат толку тешка задача, иако Италија го чека подобриот од дербито меѓу Белгија и актуелниот шампион Португалија.

„Можеби требаше во регуларното време да ги постигнеме двата гола за победа, но вака докажавме дека повеќе заслужуваме да сме во четвртфиналето. Ова беше одличен тест за нас за да го покажеме квалитетот. Не ми се допаѓа што примивме гол, но јасно ни беше дека тоа ќе се случи порано или подоцна. Играчите кои влегоа во игра и ја направија разликата одиграа феноменално, покажаа победнички менталитет. Не е важно која селекција ќе ни биде следен противник, И Белгија и Португалија имаат исклучително квалитетни екипи. Наша цел е повторно да се вратиме на „Вембли“ и да играме финале“, посочи Манчини.

- Оглас -

Најнови вести