Марота: Бастони останува во Интер, сакаме да ја освоиме Лигата на шампионите

Претседателот на Интер, Бепе Марота, порача дека клубот има големи амбиции за следната сезона во Лигата на шампионите, а воедно стави крај и на шпекулациите околу можниот трансфер на Алесандро Бастони во Барселона.

Нераѕурите ја освоија двојната круна под водство на новиот тренер Кристијан Киву, а Марота истакна дека клубот сака да продолжи да расте и на европската сцена.

„Овој тим има цврсто јадро и победнички менталитет, изграден преку фудбалери кои со години се дел од Интер. Тука мислам на Лаутаро Мартинес, Николо Барела и Алесандро Бастони. Сега нивна задача е тоа искуство и менталитет да го пренесат и на новите играчи“, изјави Марота.

Првиот човек на Интер беше прашан и за интересот на Барселона кон Бастони, кој во последните месеци често се поврзува со трансфер на „Камп Ноу“.

„Не сме клуб што продава играчи. Доколку некој си замине, тоа е само ако самиот побара нов предизвик. Бастони никогаш не покажал желба да го напушти Интер. Тој е среќен тука и верувам дека ќе остане“, нагласи Марота.

Интер во последните години двапати играше финале во Лигата на шампионите, но остана без трофејот по поразите од Манчестер сити и ПСЖ. Сепак, Марота не ја крие желбата конечно да стигне до европскиот врв.

„Освојувањето на Скудетото беше сон, но кога ќе исполниш еден сон, веднаш си поставуваш нов. Нашата цел е да направиме нешто големо во Европа. Треба да бидеш амбициозен, но без ароганција. Сакаме повторно да играме финале во Лигата на шампионите и се надевам дека овојпат ќе го освоиме трофејот. Во кариерата загубив четири европски финалиња, па би сакал играчите конечно да ми го подарат тој пехар пред да се пензионирам“, порача Марота.

- Оглас -

Најнови вести