Марота предупредува: Серија А е пред колапс, Владата веќе не смее да нè игнорира

Серија А и општо италијанскиот фудбал се пред финансиски колапс, предупреди Џузепе Марота, кој е извршен директор за спортски операции на шампионот Интер.

Во интервју за Il Sole 24 Ore, популарниот Бепе вели дека Владата, односно државата не им помага на клубовите во двегодишната битка со пандемијата со ковид-19.

„Серија А е пред колапс, а пирамидата уште полесно ќе се урне и во останатите сегменти на италијанскиот фудбал ако државата не ни помогне. Пандемијата со ковид-19 трае веќе две години и ги исцрпи финансиски сите клубови во Италија.

Владата не може повеќе да нè игнорира ако не сака колапс на фудбалскиот систем“, предупреди Марота.

Популарниот Бепе вели дека клубовите ги почитуваат сите мерки и протоколи што ги носат италијанската Влада и државата, но нема контра одговор и помош од нив.

„Фудбалот е индустрија во која на светско ниво има обрт од 4 милијарди евра и се плаќа данок од околу 1,2 милијарди евра. Зарем некој мисли дека е тоа играчка на луди претседатели кои даваат пари за забава? Во ваква ситуација со намален капацитет на стадионите, со драстично намалена продажба на билети, маркетинг, дресови, сувенири и најразлични производи со клупски обележја фудбалот е пред колапс“, додаде Марота.

Предвидува дека ако нема помош од државата, ќе има и драстични мерки за фудбалерите, чии плати ќе мора да се намалат во ерата на пандемија со ковид-19.

 

- Оглас -

Најнови вести