Поранешниот англиски репрезентативец и актуелен напаѓач на Олимпик Марсеј, Мејсон Гринвуд, донесе одлука да ја промени репрезентацијата и во иднина ќе настапува за Јамајка.
Англиската фудбалска асоцијација (ФА) потврди дека Гринвуд поднел официјално барање за промена на спортското државјанство, кое било одобрено. Според правилата на ФИФА, играчите можат да ја сменат репрезентацијата доколку не одиграле повеќе од три натпревари за претходната селекција пред да наполнат 21 година и ако не учествувале на големи турнири како Светското или Европското првенство. Гринвуд ги исполнува овие услови, што му овозможи да ја претставува Јамајка.
Напаѓачот дебитираше за англиската репрезентација во 2020 година, но беше исклучен од тимот поради прекршување на Ковид-19 протоколите. Оттогаш, не доби нов повик, а неговата кариера дополнително беше погодена од контроверзи поврзани со обвиненијата за семејно насилство, кои подоцна беа повлечени.
По преминот во Марсеј во 2024 година, Гринвуд блеска во Лига 1, постигнувајќи 15 голови на 24 натпревари оваа сезона.
Се очекува тој да го има својот деби настап за Јамајка во јуни, во квалификациите за Светското првенство, под водство на селекторот Стив Мекларен, кој некогаш ја водеше и англиската репрезентација.