Мекгрегор против Нурмагомедов – Само еден може да биде најдобар

Ноќеска, во „градот на коцката“ ќе се одржи една од најдолго очекуваните борби во историјата на „UFC“. Конор Мекгрегор и Кабиб Нурмагомедов ќе се борат за шампионската титула во лесна категорија во мешани боречки вештини. Ирецот по пауза од две години, повторно се враќа во октагонот и посакува едно нешто, да се врати на тронот, додека рускиот борец ќе ја брани честа и пред сѐ, шампионската титулата.

Атмосферата е повеќе од загреана, се почувствува тоа и на последната прес-конференција која се одржа во Лас Вегас. Мекгрегор не штедеше навредливи зборови, додека Нурмагомедов мирно одговараше на прашањата. Ирецот дури доцнеше неколку минути, неговиот противник не го сочека и ја почна прес-конференцијата.

„Виновен е сообраќајот што доцнам, не знам зошто овој идиот не ме сочека, сигурно затоа што се плаши од мене. И онака нема ништо паметно да каже, исто како на пресот во Њујорк. Се надевам нема да ја надмине границата на тежина, бидејќи во тој случај ќе му ја скршам пилешката вилица“, Ирецот потоа почна да го навредува и менаџерот на Кабиб, Абдул Азиз: „Тој Абдул, неговиот менаџер, е вистински терорист. Човекот беше фатен како влегува во САД со лажен пасош, како може таков човек слободно да шета низ овие простори“, со висок тон говореше Конор.

„На почетокот на борбата морам да бидам внимателен, Мекгрегор е добар боксер и има одличен тајминг во ударите. Сепак, јас со борење и притисок ќе го спречам. Верувам дека борбата нема да трае пет рунди, бидејќи тој ќе се предаде“, изјави Нурмагомедов.

Триесетгодишниот Мекгрегор последен пат во октагонот се бореше во 2016 година, во победата над Еди Алварез ги спои титулите во лесна и супер-лесна категорија. Поради неактивност титулите му беа одземени, а во 2017 година Нурмагомедов стана шампион во лесна категорија. За Конор, овој дуел со Русинот ќе биде негов најголем предизвик во кариерата, бидејќи ќе се бори против непоразен борец, кој има учинок од 26 победи, од кои осум ги завршил со нокаут. Мекгрегор пак, во кариерата се има борено 24 пати, победил на 21 борби, а со нокаут победил 18 пати.

Во оваа борба не станува збор само за шампионската титула, тука е и огромната заработка од девет цифри. Имено, Мекгрегор при евентуална победа ќе инкасира 100.000.000 долари, додека за победа на Нурмагомедов, Русинот не може да смета ниту на половина од 100-те милиони долари.

Борбата означена како „UFC“ 229, започнува во раните утрински часови, во терминот од 5:30 часот.

- Оглас -

Најнови вести