Менаџерот на Нурмагомедов: Мекгрегор е слаб, нека седи на клупата за резерви

Хабиб Нурмагомедов и неговиот тим не планираат наскоро римеч со Конор Мекгрегор како реванш на најгледаниот дуел во историјата на УФЦ.

Според изјавата на менаџерот на шампионот од Дагестан, Конор е дури четврта или петта опција за која размислуваат во таборот на Хабиб.

„Ние сме тие што го имаме главниот збор. Конор е сега само резерва. И тоа не е ниту трета опција. Нека се обиде да ја намали килажата за да може да заработи нешто. Хабиб наскоро ќе почне да се подготвува за борба со Гејџи. Конор може како четврта или петта резерва да се обиде во октагонот против Масвидал или Дијас. Или претходно нека му излезе на мегдан на Ислам Махачев. Далеку е од борба со шампион каков што е Хабиб“, изјави Али Абделазиз, менаџерот на Нурмагомедов.

Мекгрегор официјално е во пензија, но упатените во УФЦ велат дека тоа е само трик и дека чека понуда за нов меч против неприкосновениот шампион Нурмагомедов.

Во октомври 2018 година, во спектакуларна борба што беше најгледана во историјата на УФЦ, Хабиб во Лас Вегас го прегази Ирецот и ја доби битката со прекин, а потоа настана и општа тепачка надвор од рингот.

- Оглас -

Најнови вести