Меси, Кристијано и – Несторовски!

Смртта на Паоло Роси го растажи фудбалскиот свет деновиве, а за тие што не знаат, Роси е последниот играч кој постигнал три гола против Бразил на натпревар од некое Светско првенство. Тој со хет-трикот против Кариоките во далечната 1982 година најави дека Аѕурите може да ја освојат титулата и оттогаш правило е дека никогаш не смеете да ги отпишете Италијанците на СП, дури и кога изгледа дека се пред елиминација.

Роси четири години од својата кариера мина во Јуве, па Старата дама викендов мораше да игра и да победи против Џенова во негова чест. Првакот на Италија ги израдува обложувачите благодарение на двата гола на Кристијано Роналдо од пенали. Сепак, најинтересниот меч во Италија се одигра во саботата, а јунак беше Илија Несторовски, кој со својот прв гол сезонава, за водство од 3-2 (тоа беше и конечен исход), му донесе победа на Удинезе над Торино.

Факт е дека Нестор не дава толку голови колку што се очекува од него, но како нашиот репрезентативец редовно да ги тресе противничките мрежи, кога ниту еднаш не играше повеќе од 30 минути? Можеби по овој погодок против Биковите, ќе биде и стартер на следниот меч, па ќе има прилика да докаже дали погодокот е резултат на моментна инспирација или Нестор влегува во потребната форма.

БАЕРН, ЛИВЕРПУЛ, ТОТЕНХЕМ, БОРУСИЈА, ЛАЦИО И МИЛАН НАМЕСТО „СИГУРНИ“, ИСПАДНАА „КИКСЕРИ“

Победите на Јуве, па донекаде и на Удинезе, беа очекувани, но затоа во Серија А киксираа Милан и Лацио. Нивните киксеви на свој терен ретко кој ги очекуваше и би се обложил дека тие резултати многу тикети ги направија недобитни.

Постојаното играње во ЛШ и домашното првенство си го зеде данокот кај некои екипи, па планираните три бода не ги освои ни Баерн Минхен, Борусија Дортмунд по дебаклот со Штутгарт го смени тренерот, а и водечките два тима во Премиер лигата не се прославија и разочараа многу луѓе.

Големо разочарување во Англија беше и играта на манчестерското дерби. Рој Кин критикуваше и најубаво опиша што се случуваше на „Олд Трафорд“: „Како овој меч може да се нарече дерби, кога имаше само два жолти картони, а играчите се смешкаа и се гушкаа како другари“.

НАЈСКАПИОТ ТРЕНЕР НА СВЕТОТ ГИ ВАДЕШЕ НАПАЃАЧИТЕ КОГА ТИМОТ МУ ГУБЕШЕ И МЕСТО НИВ, УФРЛИ ИГРАЧИ ОД СРЕДЕН РЕД

Реал Мадрид со победите над Борусија Менхенгладбах и Атлетико Мадрид од по 2-0 покажа дека кога сака, може да биде многу опасен. Зидан дефинитивно има поддршка од играчите и веќе нема муабет за негова смена. Атлетико остана прв во Шпанија, но го претрпеа првиот пораз и нешто друго привлече внимание, тоа е чудната тактика на Диего Симеоне.

Популарниот Чоло, кој е убедливо најскап фудбалски тренер на светот, како да се загуби, како да немаше План Б што да прави ако противникот поведе. Јорганџиите во прво полувреме немаа ниту еден шут и беа тотално надиграни.

Изненадување за сите, а најмногу за Жоао Феликс беше кога Симеоне го повлече од игра младиот Португалец. Феликс реагираше нервозно. Симеоне тренираше строгост и малку подоцна, кога при 0-2 го извади од игра и единствениот класичен шпиц, Луис Суарес, а на негово место стави дефанзивец од среден ред. Ни на Суарес не му беше мило што оди на клупата, но тоа не го покажа јавно.

Симеоне ќе треба да ги смирува ѕвездите и да им објасни зошто ги смени кога тие беа надежта на Атлетико дека може да му дадат гол на градскиот ривал. Без напаѓач во тимот и со еден куп играчи во средниот ред, Атлетико беше опасен само кога Реал му го дозволуваше тоа.

И во Барселона навиваа за Реал бидејќи ако победеше Атлетико, веројатно титулата уште отсега ќе им се препишеше на Јорганџиите. Барса одвај го победи Леванте со гол на Меси, кој сезонава во лигата дава голови само на „Камп ноу“.

Јасно е дека нема непобедливи во Европа, а со тоа и задачата на сите обложувачи е отежната, никогаш не знаеш кој од големите ќе се лизне.

- Оглас -

Најнови вести