Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, не го криеше незадоволството по дербито со Манчестер Јунајтед (3-2), обвинувајќи го судењето и одлуките на ВАР како клучен фактор што, според него, повторно биле против неговиот тим оваа сезона.
Контроверзниот момент се случи при погодокот на Бењамин Шешко, кога постоеше сомнеж дека топката ја допрела неговата рака. По долго прегледување преку ВАР, голот сепак беше признат.
Слот по натпреварот изјави дека ваквите ситуации не се изолиран случај.
„Ако имало допир, а мислам дека имало, тоа ја менува траекторијата на топката. Тогаш мора да се разговара дали е доволно за поништување на голот. Но не е изненадување што оваа сезона ВАР одлуките често одат против нас“, рече тој.
Стратегот на Ливерпул потсети и на други спорни ситуации од сезоната, споредувајќи различни критериуми во одлуките на судиите во Лигата на шампионите на УЕФА, како и на претходни натпревари каде, според него, критериумите биле неконзистентни.
„Се сеќавам на натпреварот со ПСЖ, кога досудија пенал против нас, а потоа беше поништен. Потоа исти такви ситуации се судат различно на други натпревари“, додаде Слот.
И покрај критиките кон судењето, тој призна дека Ливерпул мора да ја преземе и сопствената одговорност.
„Вториот гол не го примивме поради рака, туку поради наша грешка при губење на топката. Тоа е нешто што се повторува и мора да се подобриме“, истакна менаџерот на Ливерпул.

