Нешто повеќе од еден месец останува до почетокот на Светското првенство на кое Лионел Меси со Аргентина ќе го брани планетарниот трон. Како една од главните мундијалски теми во моментов е дали на овој турнир ќе го видиме Нејмар во дресот на Бразил.
Бразил и Аргентина се вековни ривали на теренот, но Меси и Нејмар се големи пријатели, па капитенот на Гаучосите беше запрашан дали бразилската ѕвезда заслужува да биде дел од тимот на Кариоките на СП 2026.
„Тешко ми е да бидам објективен затоа што Нејмар е мој пријател. Очигледно е дека би сакал да го видам на Мундијалот и да му се случат убави работи, затоа што тој тоа го заслужува“, рече Меси.
Според аргентинскито виртуоз, на турнирите како што е Светското првенство, секогаш е добро да се има супер таленти кои со еден потег може да го сменат текот на мечот во своја корист.
„На Светското првенство секогаш сакате да ги видите најдобрите играчи, а Нејмар се додека игра, ќе биде еден од нив“, додаде Меси.
Оваа изјава на Меси доаѓа непосредно во исчекување на прелиминарниот состав што селекторот на Бразил Карло Анчелоти треба да го објави со играчи кои би можеле да бидат дел од СП 2026. Најавите се дека Нејмар ќе биде на тој состав.

