Милан го распродава тимот, турските гиганти наддаваат за Рафаел Леао

Чистката, започната од сопственикот на Милан, Џери Кардинале, најверојатно нема да заврши само со отпуштањето на раководителите Џорџо Фурлани, Игли Таре, Жофре Монкада и тренерот на тимот, Масимилијано Алегри. Се очекува клубот во летниот период да се раздели и со голем број фудбалери, пишува „Газета дело спорт“.

Највредниот фудбалер меѓу оние што се на излезна врата од „Сан Сиро“ е напаѓачот Рафаел Леао. Голем интерес за него покажуваат турските гиганти Галатасарај и Фенербахче, а неговата цена се проценува на околу 50 милиони евра. Во моментов поблиску до неговиот потпис е Галатасарај, кој му нуди плата од 10 милиони евра по сезона, речиси двојно повеќе од неговата сегашна заработка во Милан од околу 5,5 милиони евра.

Друг напаѓач, Никлас Филкруг, кој е на позајмица од Вест хем, ќе се врати во Лондон наместо да биде откупен за 5 милиони евра. Исто така, на трансфер-листата ќе се најдат и Рубен Лофтус-Чик и левиот бек Первис Еступињан. По разочарувачката сезона без постигнат гол во првенството, и Сантијаго Хименес е меѓу играчите за продажба.

Нејасна останува иднината на ветеранот во средниот ред, Лука Модриќ. Сè уште постои можност 40-годишниот играч да ја активира опцијата за продолжување на договорот за уште една сезона. Сепак, пласман во Лигата на шампионите и останување на Алегри беа клучни фактори за негово останување, а сега веќе не се во игра.

Адриен Рабио, кој беше доведен по желба на тренерот, исто така ќе ја одлучува својата иднина. „Газета“ потсетува дека пред две години тој одби да го продолжи договорот со Јувентус по заминувањето на Алегри. Централниот дефанзивец Страхиња Павловиќ, кој имаше солидна сезона, може да биде продаден за околу 40 милиони евра ако пристигне понуда од Премиер лигата. Иднината на Фикајо Томори исто така е неизвесна, додека под прашање е и статусот на Кристофер Нкунку.

Меѓу сигурните за останување се капитенот и голман Мајк Мењан, дефанзивците Кони де Винтер и Матео Габија, крилниот бек Алексис Салемакерс и Давиде Бартезаги, како и напаѓачот Кристијан Пулишиќ, и покрај тешката 2026 година во која сè уште нема постигнато гол.

- Оглас -

Најнови вести