Раководството на Милан донесе сериозна кадровска „чистка“, откако преку официјално соопштение потврди дека клубот се разделува со тренерот Масимилијано Алегри, како и со неколку клучни луѓе во спортската структура, меѓу кои извршниот директор Џорџо Фурлани, спортскиот директор Игли Таре и техничкиот директор Џефри Монкада.
Во соопштението на клубот се наведува дека по разочарувачката завршница на сезоната, која ја претвори претходно поставената цел во неуспех, е донесена одлука за целосна реорганизација на фудбалскиот сектор. Од Милан истакнуваат дека и покрај тоа што најголем дел од сезоната тимот бил во врвот на табелата и во трка за Скудето, падот во финишот бил клучен за ваквиот епилог.
Од управата потенцираат дека сега започнува нова фаза во клубот и дека веќе е отворен процесот за избор на ново спортско и тренерско раководство. Италијанските медиуми пренесуваат дека како главни кандидати за клупата се споменуваат Антонио Конте и Роберто Де Зерби, додека паралелно се разгледуваат и имиња за управувачките позиции.
Според информациите, одлуката за смените била донесена на највисоко ниво во клубот, од страна на сопствениците РедБерд Капитал Партнерс, кои не биле задоволни од целокупниот спортски проект и резултатите во последните две сезони.

