Милан ќе го „врзе“ Рејндерс со нов договор до 2030 година

Играчот за врска Тијани Рејндерс постигна целосен договор со Милан за продолжување на соработката до 2030 година, објави холандскиот „Де Телеграаф“. Иако актуелниот договор на 26-годишниот играч важеше до 2028 година, Росонерите решија да го наградат поради неговата извонредна форма оваа сезона.

Милан првично не брзаше со преговорите, но Рејндерс со своите настапи ги убеди челниците на клубот да седнат на преговарачка маса. Неговиот татко Мартин Рејндерс, кој е и негов менаџер, се договори со спортскиот директор Антонио Д’Отавио и техничкиот директор Џефри Монкада за нови услови.

Во моментов Рејндерс е еден од најдобрите играчи на Милан, постигнувајќи 12 гола во 38 натпревари оваа сезона, што го прави најдобар стрелец на клубот заедно со Кристијан Пулишиќ. Новиот договор исто така ќе го направи еден од најплатените фудбалери во тимот.

Овој потег на Милан е и јасен сигнал до клубовите кои покажаа интерес за Холанѓанецот, меѓу кои се Барселона и Манчестер сити, дека условите за евентуален трансфер значително се промениле.

- Оглас -

Најнови вести