Таткото и агентката на Халанд негираат договор со претседателскиот кандидат на Реал

Откако Енрике Рикелме ја активира бомбата дека ветува дека ако стане претседател на Реал Мадрид в недела, летово ќе го донесе Ерлинг Халанд во Кралскиот клуб, дојде негација од таборот на Халанд и Манчестер сити.

Таткото на Ерлинг, Алфи, и агентката Рафаела Пимента, негираа каков било договор со Рикелме.

„Сето тоа е многу забавно, но не е вистина. Среќно на двајцата кандидати во претседателската трка во Реал Мадрид“, порачаа тие.

Ставот на Сити е јасен: Халанд е нивен играч, има важечки договор и апсолутно нема намера да го напушти клубот. Тие дури објавија дека размислуваат за покренување судска постапка против Рикелме. 

„Приказните што се појавија од Шпанија за иднината на Ерлинг Халанд се лажни. Не постои можност ова да се случи и нема договорна клаузула што го дозволува тоа. Размислуваме за покренување судска постапка за користење на имиџот на нашиот играч во овој контекст“, рекле од Сити.

Сепак, сето ова потсетува на ситуцијата во 2000 година, кога Флорентино Перес шокира со ветувањето дека ќе го купи Луиш Фиго, кој тогаш беше капитен на Барселона. И тој исто вети дека доколку обврската не се исполни, лично ќе ги покрие трошоците за членарините на сите 100.000 членови на клубот. 

Пред 26 години, Фиго лично го негираше можниот трансфер во Реал во интервју за каталонскиот „Спорт“. Но, Перес победи на тие избори и Фиго премина во Реал, што уште е најшокантниот трансфер во историјата на фудбалот.  

Од таборот на Рикелме нагласуваат дека кандидатот за претседател не изјавил дека Халанд веќе е потпишан, туку дека ќе игра за Реал Мадрид. Наводно бизнисменот со години работи на можноста да го доведе Халанд во клубот, а минатата недела за време на состанок во Марбеља со таткото на играчот ги поставил темелите за иден договор, искористувајќи ја договорната клаузула што би му дозволила на напаѓачот да замине под одредени услови. Токму таа средба и наводното одобрение добиено тогаш го наведуваат тимот на Рикелме да ја задржи довербата во операцијата и јавно да брани дека Халанд ќе игра за Реал Мадрид доколку победи на изборите.

- Оглас -

Најнови вести