Во Милан планираат во наредните недели повторно да ги обноват разговорите со нивниот прв голман Мајк Мењан околу продолжувањето на неговиот договор, кој истекува на крајот од сезоната, пренесуваат италијанските медиуми.
Минатата пролет двете страни постигнаа договор, но раководството на клубот во последен момент се повлече. Тоа силно го разлути Мењан, кој летово беше подготвен да се пресели во Челзи. Сепак, новиот спортски директор Игли Таре и тренерот Масимилијано Алегри успеале да го убедат францускиот репрезентативец да остане барем уште една сезона, иако досега се сметаше дека се мали шансите тој да прифати нов договор.
Доколку навистина не дојде до продолжување на соработката, клубот веќе разгледува опции за негов наследник. Една од нив е Уго Ногеира, кому Коринтијанс му поставил цена од околу 12 милиони евра.
Во меѓувреме, според англиски извори, Милан веќе стапил во контакт со голманот на Ливерпул, Алисон Бекер. Со оглед дека англискиот шампион има подготвена замена во ликот на Ѓорги Мамардашвили, клубот наводно е подготвен да се раздели со искусниот Бразилец, без да бара висока трансферна сума, бидејќи неговиот договор има важност уште само година и пол.

