Милан влезе на листата на клубови кои го сакаат Алиоски

Езѓан Алиоски одигра одлична сезона во Лидс и веднаш се најде во фокусот на повеќе европски клубови. Веќе со месеци се најавува дека Алиоски ќе си замине од Лидс и кариерата ќе ја продолжи во Турција.

Сепак, турските медиуми сега пишуваат дека Алиоски наместо во Трабзонспор, може да потпише со италијанскиот гигант Милан. Росонерите по пауза од седум години, сезонава обезбедија место во Лигата на шампионите и тренерот Стефано Пиоли сигурно ќе бара неколку играчи како засилувања за елитното натпреварување на УЕФА.

Меѓу оние кои се во фокусот, сега е и левиот бек Алиоски. Турските медиуми пишуваат дека Милан едноставно ја „расипува“ работата на Трабзон за договор со популарниот Џани.

Одлуката за тоа каде Алиоски ќе игра во новата сезона, сигурно ќе се знае дури по завршување на настапот на Македонија на Европското првенство, каде што е можно дополнително да скокне цената на нашиот стандарден репрезентативец.

- Оглас -

Најнови вести