Миленкоски: Имаме појасна слика за формата

Машката сениорска репрезентација викендов одигра два пријателски натпревари со Хрватска во Марибор, кои беа дел од подготовките за настапот во Европската златна лига 2025. Во првиот контролен меч нашите одбојкари загубија со 3:0, а во вториот, по многу подобра игра, тренинг-мечот заврши 2:2.

По овие две средби, селекторот Јошко Миленкоски потенцираше дека има појасна слика за тоа до каде е екипата во темпирањето на формата.

„Со една седмица тренинзи реално не бевме подготвени за играње пријателски натпревари, но двомечот со Хрватска од претходно беше договорен, па одлучивме да го искористиме најдобро што можеме како дел од тренажниот процес. Имаме појасна слика за тоа до каде сме, односно во која насока треба да продолжиме со темпирањето на формата. Хрватите од 5 мај ги стартуваа подготовките, додека ние почнавме десет дена подоцна и очекувано беше да играме тешко на првиот натпревар. Уште не сме воиграни, момците имаа тешки нозе од напорните тренинзи и не можевме да одиграме како што сакаме, а како за прв натпревар нормално беше да има и многу грешки. Но, веќе вториот дуел беше многу подобар. Им дадов шанса на сите играчи, пробувавме на терен која постава ќе го понесе товарот, а кој играч, кога и како може да помогне. Двата натпревари ни овозможија да ги воочиме и грешките и проблемите, но и за да видиме на кои елементи треба да посветиме повеќе внимание. Верувам дека како што ќе минува времето и низ Европската лига, ќе бидеме сè подобри и подобри – можеби не за првиот турнир во Братислава, но за последниот во Струмица сум сигурен“, анализира селекторот Миленкоски и додава: „По пауза од година дена се враќам во репрезентацијата и она што ме радува е дека и покрај промените, нови лица во тимот, сега селекцијата е и подмладена, и натаму има одлична атмосфера. Ова е екипа која игра заедно со години, одлично ги знае своите квалитети и можности и поради тоа верувам дека тимот многу брзо ќе стигне до потребното ниво“, вели селекторот.

Репрезентацијата денеска се враќа од Словенија, додека од утре во Струмица продолжуваат со подготовките за првиот турнир во годинешното издание од ЦЕВ Европската златна лига, која од 6 до 9 јуни се игра во Братислава, Словачка.

- Оглас -

Најнови вести