Миленкоски: „Никола Ѓорѓиев за одбојката е исто што и Кире Лазаров за ракометот“

Одбојкарската репрезентација на Македонија забележа очекуван пораз од Холандија со 3-0, со оглед на тоа дека настапивме без капитенот и најдобар одбојкар во составот, Никола Ѓорѓиев. Тој само на два часа пред почетокот на натпреварот се пожали на болки во грбот и не настапи против Холандија.

Селекторот Јошко Миленкоски направи паралела во која вели дека Никола Ѓорѓиев за одбојкарската репрезентација на Македонија е исто што и Кире Лазаров за ракометната.

„Денес пробавме да играме без Никола, утре имаме уште еден тренинг и пак ќе ги пробаме ротациите. Нашиот спорт е специфичен, не е лесно да се игра на туѓа позиција. Мора да имаме шема како треба да стојат одбојкарите за да не ги нарушат правилата на играта. Тоа гледачите не можат да го забележат, но без тоа внимание, можеме да направиме техничка грешка и судиите да ни изречат казна. Најдобра варијанта е Никола Ѓорѓиев да е здрав и да игра. Неговите поени не се малку, тоа е како да фали Кире Лазаров на нашата репрезентација во ракомет. Штета што немавме време малку да ја вежбаме оваа формација, но повредата на Никола дојде изненадувачки. Самодовербата ни беше разнишана, ненадоместливо е вакво неиграње. Ако на холандскиот состав не им е Нимир, ќе им биде тешко. Денес одигра цел натпревар против нас, а претходно редовно беше ротиран. Не сакам да го форсираме Никола, ако не може – нема да игра и со Чешка. Треба да го сочуватe за натпреварот во Бари“, изјави селекторот Јошко Миленкоски.

Останува утре да се види каква ќе биде состојбата со повредата на Никола Ѓорѓиев и дали тој ќе биде подготвен да игра против Чешка, дуел кој ќе одлучува за пласман на третата и четвртата позиција на табелата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести